Претседателски избори во Хрватска, убедлива предност за Зоран Милановиќ

by Fokus

Во Хрватска утрово беа отворени гласачките места каде граѓаните ќе бираат претседател. Право на глас имаат 3.762.224 граѓани.

Избирачките места се отворени од 07:00 до 19:00 часот, до кога трае изборниот молк. Освен во Хрватска, избирачките места се отворени во 38 земји, девет помалку од пред пет години. Ова се осми претседателски избори во Хрватска по прогласувањето на независноста.

Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека убедливо води актуелниот претседател и кандидат на СДП Зоран Милановиќ со 39,3 отсто поддршка, а по него е кандидатот на ХДЗ Драган Приморац со 24,3 отсто.

Независниот кандидат Марија Селак Распудиќ е на трето место со десет проценти поддршка, додека четврта е Ивана Кекин од „Можемо!“ со 8,1 отсто.

Од останатите четворица претседателски кандидати, Миро Буљ од листата Мост има поддршка од 3,6 отсто од испитаниците, Бранка Лозо од партијата Дом и народен собир (ДОМИНО) има 2,2 отсто, а независните Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело имаат два, односно 0,6 отсто.

Од 2000 година, на претседателските избори во Хрватска никогаш не победил кандидат на политичката опција која е на власт.

Поврзани новости