Владејачката ДУИ се уште нема официјална одлука како ќе настапи на следните избори. Нема конечна одлука дали ќе излезе со албанска предизборна коалиција заедно со делот на Алијанса за Албанците околу Зијадин Села и новите партии на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд или пак во коалиција со СДСМ. Но, нема ниту крајна одлука со кого ќе истрча на претседателските избори.
Откако албанската опозиција дефинитивно одлучи да учествува на претседателските избори, јасно беше дека и ДУИ ќе исфрли претседателски кандидат. Како што веќе пишуваше „Фокус“, во таква ситуација ДУИ не сака да и остави простор на албанската опозиција политички да профитира без конкуренција. А штом ќе извадат свој кандидат наместо да застанат зад оној на СДСМ, тогаш се намалуваат шансите и за предизборна коалиција ДУИ-СДСМ.
ДУИ ќе исфрли претседателски кандидат на изборите, ако тоа го направи албанската опозиција!
Што се случи во меѓувреме? Албанските опозициски лидери Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити го кандисаа лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да им се приклучи во опозицискиот „Европски сојуз за промени“, што практично предизвика раскол и поделба во АА. Веднаш потоа, албанската опозиција го промовираше Таравари за претседателски кандидат.
Иако во јавноста прво протече името на министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ Бујар Османи како можен претседателски кандидат на ДУИ, сепак, последно од Мала Речица беше лиферувано и името на партискиот лидер Али Ахмети, кој, според најновите брифинзи, треба да му се спротивстави на Таравари во трката за шеф на државата.
Дали овие дојави ги откриваат реалните намери на „интегративците“ да истрчаат со најсилниот адут или пак се работи за блеф со цел дефокусирање на јавноста и противниците? Додека од ДУИ официјално велат дека немаат конечна и официјална одлука за претседателски кандидат, високи партиски извори неофицијално велат дека сигурно Ахмети ќе биде нивниот претседателски кандидат.
Точно е дека Османи бил во потесна конкуренција, велат тие, додавајќи дека, исто така, за претседателска кандидатура било разговарано и со бизнисменот Лазим Дестани, прв човек на „Еколог“. Меѓутоа, според нив, ситуацијата налага ДУИ со најсилното оружје да истрча на следните двојни избори, или во превод-со партискиот лидер Ахмети.
Имено, албанските кандидати можеби немаат шанса за победа, па дури дискутабилно е дали е возможно да влезат и во втор круг, иако се изнесуваат такви очекувања. Арно ама, она што е неспорен факт е дека резултатите на претседателските избори во првиот круг во голема мера ќе влијаат врз резултатите на парламентарните избори, кои ќе се одржат во пакет со вториот круг на претседателските.
На претстојните избори, ДУИ за првпат се соочува со обединета албанска опозиција, имајќи во предвид дека најсилните албански опозициски партии се обединија во антиДУИ фронт. Притоа, цела албанска опозиција застана зад Таравари како претседателски кандидат, кој патем има висок индивидуален рејтинг.
Се проценува дека рејтингот на Таравави и цела албанска опозиција уште повеќе ќе расте поради отворената поддршка на косовскиот премиер Албин Курти, кој, според сите анкети, важи за најпопуларен политичар меѓу Албанците во Македонија. Неговата Самоопределување нема директно да учествува на изборите, но советникот на Курти, Беќим Ќоку, ќе биде дел од пратеничките листи, најверојатно носител во 5-тата ИЕ.
Лидерите на албанската опозиција разговарале со Курти за „потребата за промени во албанскиот блок“
Во такви услови, ДУИ размислува да истрча на претседателските избори со Ахмети како најголем авторитет. Воедно, за овој чекор има уште една причина. Со спојувањето на албанската опозиција, таа се наметнува како рамноправен субјект со шанси за победа во шестата изборна единица, каде влегуваат Тетово и Гостивар под контрола на опозицијата, т.е. на градоначалниците Таравари и Касами.
Доколку Ахмети традиционално излезе на изборите како носител на пратеничката листа во шестата ИЕ, тогаш има поголеми шанси за неуспех отколку во трка за претседател, бидејќи така ќе може да собира гласови од цела држава. И покрај сите предизвици, ДУИ се уште е најдисперзирана партија, со база и ограноци низ цела територија. Така, Ахмети полесно ќе може да дојде до глас повеќе во трка за претседател отколку во трка за пратеник.
Од една страна, евентуална негова претседателска кандидатура ги максимизира шансите на ДУИ за подобар резултат од албанската опозиција. Но, од друга страна, претставува опасност ДУИ да биде целосно делегитимирана ако Ахмети загуби од Таравари. Тоа значи дека ДУИ, доколку со најавите за Ахмети не блефира, ќе оди на „се или ништо“ на овие избори, како што своевремено одеше и Зоран Заев, кој веќе одамна не е активен учесник на политичката сцена.
Влатко Стојановски