Антикорупциската комисија ќе ја информира Владата дека претседателот, заменикот и членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) не постапиле по нејзин заклучок од јули 2021 да го намалат износот на надоместоците што ги добиваат.
Тие цела година земале надоместоци по повисоки износи од оние што биле утврдени со заклучок од Владата, рече на седница на ДКСК нејзиниот член Владимир Георгиев.
Во април 2021 Владата утврдила зголемување на надоместоците на 18.000 и 15.000 денари, а во јули 2021, со втор заклучок, таа наложила да се вратат старите, пониски износи од 12.000 и 10.000 денари, но претседателот и членовите на УО на ФЗО продолжиле да го земаат повисокиот износ. Траело до август 2022 кога за тоа се дознало во јавноста.
УО на ФЗОМ наводно не ја знаеле втората одлука на Владата да се намалат надоместоците.
-Откако ова проструило во јавност, УО донел внатрешен акт да се намалат надоместоците според заклучок на Влада од јули 2021… Оправдувањето дека не знаеле не држи, зашто сите други управни одбори ги намалиле износите, рече Георгиев.
Поради тоа предложи за овој предмет да се обратат до Владата, која ги назначува управните одбори во државните институции, и да преземе мерки за непостапувањето по нејзин заклучок.
Рече и дека немаат јасен одговор дали Владата има повратни информации од овие тела за спроведувањето на нејзините заклучоци и насоки.