Претседателот за премиерот: Политички напад на Пленковиќ врз уставниот поредок и демократијата

by Fokus

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ во денешното обраќање рече дека со политички атак врз уставниот поредок и демократијата, премиерот Андреј Пленковиќ ја враќа Хрватска во ерата кога разузнавачките служби биле под директна контрола на владејачката партија.

Коментирајќи ја намерата на Владата да ја стави Воено безбедносно-разузнавачката агенција под директно раководство на Министерството за одбрана, тој ја предупреди хрватската јавност на, како што вели, сериозна закана за уставниот, правниот и демократскиот поредок што го подготвува Владата на Андреј Пленковиќ, пренесува Хина.

„Владата наместо да ја следи уставната процедура за именување на директор на Воено безбедносно-разузнавачката агенција и спротивно на воспоставената демократска практика, подготви противуставно решение според кое привремениот прв човек на Агенцијата ќе го именува и разрешува министерот за одбрана. Сакам да бидам јасен: ова е политички напад на Андреј Пленковиќ врз уставниот поредок и демократијата што ја враќа Хрватска во ерата кога разузнавачките служби беа под директна контрола на владејачката партија“, предупреди Милановиќ.

Тој додаде дека Владата на ХДЗ сега сака партиска контрола врз Воено-безбедносната разузнавачка агенција, која во тој случај ќе биде целосно ослободена од демократски и цивилен надзор.

„Како претседател на Републиката, а воедно и врховен командант на вооружените сили на Република Хрватска, ја повикувам Владата да не го прави ова бидејќи ќе бидам принуден да реагирам во согласност со моите овластувања“, посочи Милановиќ.

Поврзани новости