Нема веќе да се набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање на кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за престанок на користење на пластична амбалажа во органите на државната управа, и ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на Претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријатот и други стручни служби на Владата и Уставниот суд да не набавуваат пластика.
„Се задолжува Службата за општи работи и услуги и сите министерства и органи во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија кои непосредно набавуваат за свои потреби некои од наведените производи, при објавување на повик за јавни набавки да постават услов дека нема да ја склучи јавната набавка доколку производителот не докаже дека, најмалку за тековната година, ги спровел во целост обврските за проширена одговорност согласно со прописите за посебните текови на отпад и задолжително во понудата да се доставува и „Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпад од пакување“, односно „Потврда за склучен договор за преземање на обврска за постапување со отпадна опрема која е основа за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадна опрема“ или, соодветно, „Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори“, се вели во информацијата од Владата.