Поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, и бизнисменот Сеад Кочан се обиделе да го искористат инситутот Помилување – еден од прерогативите на претседателот на државата, за да го скратат својот престој во затвор каде што издржуваат повеќегодишни казни.
Сепак, како што дознава „360 степени“, претседателот на државата Стево Пендаровски ги одбил нивните барања, односно одбил да ги помилува.
Инаку, Јанева и Панчевски по првпат бараат помилување од шефот на државата, додека бизнисменот Сеад Кочан веќе еднаш се обиде да добие помилување во 2021 година, но безуспешно.
Процедурата е регулирана со Законот за помилување, а во одделот насловен „Комисија за помилување“ на интернет-страницата на претседателот на државата е појаснето како тече целата постапка.