Претседателот Стево Пендаровски, од 18 до 22 септември 2023 година ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Тој на 22 септември 2023 година, петок, ќе се обрати на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.
Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која претседателот Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш.
Пендаровски ќе има свое обраќање пред Советот за безбедност на отворената дебата на тема: „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста на Украина“.
Пендаровски ќе присуствува на отворањето на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој под покровителство на Генералното Собрание и ќе се обрати на лидерскиот дијалог „Зголемување на активностите на клучните транзиции за да се забрза напредокот на Целите за одржлив развој“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание.
Во состав на македонската државна делегација се заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
За време на работната посета на САД, претседателот Пендаровски ќе го посети Њу Џерси, кадешто е предвидено да оствари средби со претставници на македонската заедница, а ќе го посети и Чикаго, кадешто ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“.