Претседателот на УМС Битола шири паника или е реално загрижен?

by fokus

Претседателот на Унијата на млади сили Битола, Марко Јосифовски вчера на својот Фејсбук профил објави дека повратници од Малта се сместуваат во државен карантин во центарот на градот Битола, за кој како што напиша, нема ниту еден случај на заразен. Објавата беше придружена со фотографии од автобусите и со фрази како „Господ нека ни е напомош“.

Набргу, голем дел од граѓаните на Битола почнаа да ја споделуваат објавата (347 споделувања) и да изразуваат загриженост дека оние што се во карантин може да избегаат и да го шират вирусот низ градот (иако тие се во карантин поради мерки за претпазливост, а не бидејќи е утврдено дека се заразени).

По неколку часа, Јосифовски објави нов статус во кој порачува дека тие не ги мразат повратниците, тука дека проблем е локацијата. Луѓето можеле да избегаат од карантинот, да поминат на Широк сокак и да заразат голем број на луѓе кои се движат на таа локација. Повторно порача: Господ нека ни е напомош.

Иако се обиде да го оправда својот статус со загриженост за локацијата на карантинот, сепак потегот е класичен пример за ширење паника, намерно или не.
Ако се земе предвид начинот на неговата објава: со слики од автобуси кои во моментот пристигнуваат, реченицата „Битола станува потенцијално ново жариште“ и „Господ нека ни е напомош“, тоа е типично врамување на вест. Односно, авторот преку начинот и јазикот кој го користи да пренесе некоја вест, ги наведува оние кои ја читаат, да ја толкуваат во определена насока, како и да се создаде слика дека постои проблем за кој е потребно решение.

Бидејќи живееме во време на пандемија кога јавноста е чуствителна, а луѓето се плашат за своето здравје и безбедност, сите, а особено политичарите треба да бидат многу претпазливи со своите настапи и да бидат свесни што тие може да предизвикаат. Партиските и политичките функции со себе носат и одговорности, а довербата на партиските поддржувачи не треба да се злоупотребува за да се добиваат партиски поени со ширење на паника. Намерно или од невнимание. Особено не во време на пандемија.

Катерина Смилева

Поврзани новости