Претседателот на Уганда, Јовери Мусевени го разреши својот син Мухузи Кајнеругаба од местото командант на воените сили, соопшти денеска армијата на Уганда.
Во соопштението со кое се најавува смена од позицијата командант на копнените сили, армијата објави дека Кајнеругаба од генерал-полковник е унапреден во генерал и дека ќе остане висок советник на претседателот за специјални операции.
Кајнеругаба постојано се закануваше на Твитер дека ќе изврши инвазија врз соседна Кенија, а исто така бараше и обединување на Кенија и Уганда . Откако неговите твитови предизвикаа реакција кај Кенијците на социјалните мрежи, тој истакна дека се шегувал.
Тој вчера на Твитер праша колку крави треба да и даде на Џорџа Мелони, која се очекува да биде премиерка на Италија, за таа да ја прифати неговата брачна понуда.
„Веднаш би и дал 100 крави! Затоа што таа е бестрашна и вистинољубива“, напиша Кајнеругба на Твитер.