Претседателот на Светски Македонски Конгрес Канада, велешанецот Боби Темелков, објави фотографии од неговото семејно патување со авион, а случајно до нив седел поранешниот евроамбасадор во земјава, Питер Ванхауте. Покрај фотографиите на кои се гледа како белгискиот експерт спие во авионското седиште, Темелков објави и порака дека е штета што прозорците во авион не се отворале.
Инаку, Ванхауте е познат во Македонија како олеснувач на преговорите, кој ги познава политичките случувања кај нас, а минатата недела објави ,,Отворено писмо до граѓаните на Северна Македонија”.
Во него, тој повика граѓаните да му дадат поддршка на францускиот предлог, бидејќи според него, благодарение на предлогот бил можен сериозен напредок.
Темелков, кој на својата Фејсбук страница ги објави фотографиите од експертот, напишал дека се моли на Бога да му даде шанса за уште една средба со Ванхауте, но на потемно место.
-Штета што авионите немаат прозорци што се отворат… Белгискиот посредник/медијатор Петре Ванхутен леташе и седеше до нас во авион, помеѓу една европска дестинација само пред неколку недели. Судбината никогаш не знаеш каде ќе те однесе, ни нас ни него! Го молам бога да ни даде уште една средба/шанса,само на потемно место… те молам боже… Амин! – стои во неговата објава.
</
Велешанецот кој долги години живее во Канада и е на чело на Македонски Светски Конгрес-Канада, е познат по иницијативите и организирањето на повеќе акции, на кои се собираа средства за протести во Македонија, како што беа протестите против промена на името, но и акциите за собирање на финансиска помош на семејствата на осудените за нападот на Собранието од 2017 година.
На својата страница, тој исто така извести дека Македонски Светски Конгрес-Канада започнува со активности за спас на Македонија, и ги повика иселениците на 17-ти септември да дојдат на банкет во салата на Македонската православна црква Свети Илија. На банкетите кои се одржуваа во минатото во Канада, по повод празникот Осми Септември, гостите оставаа донации наменети како поддршка за настани кои се случуваа во Македонија.
Вики Клинчарова