Романскиот претседател Клаус Јоханис најави дека ќе се кандидира за нов шеф на НАТО за да го замени Јенс Столтенберг на чело на таа организација.
Засега фаворит за нов генерален секретар на Алијансата е холандскиот премиер Марк Руте.
„Одлучив да се кандидирам за функцијата генерален секретар“, рече Јоханис во краткото обраќање, истакнувајќи го своето искуство како претседател на Романија, источноевропска земја која беше напредна позиција на Атлантскиот сојуз од почетокот на руската инвазија на Украина.
Тој рече дека е време Романија, членка на НАТО од 2004 година, да преземе уште поголеми одговорности со оглед на сегашниот безбедносен контекст. Јоханис (64) рече дека ова е „легитимна аспирација“ на неговата земја, која поминала низ „длабоки трансформации“ и може да придонесе за обликување на нова визија, против „сериозната и постојана руска закана“.
Јоханис се соочува со конкуренција на 57-годишниот Марк Руте, чие име се споменува со месеци како наследник на Столтенберг. Одлуката се носи со консензус меѓу земјите членки на Алијансата за тоа место кое што му припаѓа на Европеец.
Неколку земји, меѓу кои Франција, САД, Велика Британија и Германија, веќе ја изразија својата поддршка за шефот на холандската влада во заминување. Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој има блиски врски со Русија, се противи, пишува Франс прес.