Претседателот на Основен Суд Владимир Панчевски е милионер

by fokus

Имотната состојба на судиите отсекогаш предизвикувала внимание во јавноста, особено кога се знае во кава состојба е судството и постојаните политички притисоци, на кои судиите не се имуни. Така денеска решивме да ѕирнеме во имотната состојба на веројатно најозборуваниот судија деновиве.

Кога ќе се погледне имотниот лист (преглед на сиот пријавен движен и недвижен имот) на Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупција, се доаѓа до заклучок дека тој е милионер.

Панчевски поседува девет стана, куќа, BMW…

Според објавениот имотен лист, претседателот на Основниот суд Скопје 1, е сопственик на девет стана, од кои два се со квадратура од околу 140 метри квадратни, еден со 114 метри квадратни, а четири со околу 80 квадрати. За потеклото на сите девет станови стои дека се стекнати со наследство. Два стана гласат на името на неговите родители, а седум се на име на самиот Панчевски.

Освен становите, во имотниот лист стои и дека Панчевски поседува куќа во вредност од околу 6.700.000 денари, за која нема податоци на каков начин е стекната.

Претседателот на Основниот суд во 2015 година си купил и автомобил од марката BMW во вредност од речиси три милиони денари, или преведено во евра, околу 48.000.

Што се однесува до заштедите, Панчевски има два банкарски сефа со по 500.000 денари и милион денари, кои се на негово име, а два банкарски сефа имаат и неговите родители. Има и неколку штедни книшки во различни банки. Штедни книшки имаат и неговите деца.

Панчевски тежи вкупно 1.114.140 евра

Кога ќе се собере вредноста на се што е наведено во имотниот лист, од станови до парични заштеди, се доаѓа до бројка од 1.114.140 евра.

Панчевски во куса телефонска изјава за „Фокус“ ги потврди податоците од имотниот лист и рече дека најголем дел од имотот е од наследство.

imoten pancevski

Инаку, во минатиот број на неделникот „Фокус“ , Панчевски зборуваше за притисок врз судството и изјави и дека нема да биде зачуден ако се формира специјално одделение за СЈО.

-Во една моја изјава зборував за посетата во мојот кабинет на високи претставници на американската амбасада и ЕУ делегацијата по повод првата прес конференција на СЈО и тогаш го искоментирав ниското ниво на политичка култура каде правосудството и во минатото беше под притисок и интервенционизам на политиката. Имаше аболиција за предмети од претседателите Бранко Црвенковски и Борис Трајковски. Значи така било и тогаш, така ни се случува и сега. Сега е СЈО, утре ќе биде судско одделение на СЈО. Значи во Македонија со меѓународен амин и со тесно политички интереси се кршат и Устав и закони. За жал, кога другите две власти се во рацете на политиката, ние како трета, малцинска власт не можеме да се избориме за самостојност, изјави Панчевски.

Катерина Смилева

Поврзани новости