Претседателот на „Лукоил“ почина откако падна од шестиот кат на болница во Москва

by Fokus

Претседателот на управниот одбор на втората најголема руска нафтена компанија „Лукоил“, Равил Маганов, почина откако паднал од прозорец на болница во Москва, објавија руските медиуми. Според нив, 67-годишниот Маганов паднал од шестиот кат на Централната клиничка болница.

Позната како клиника Кремљ, во оваа болница се лекуваат припадници на руската политичка и бизнис елита.

Маганов работел во „Лукоил“ од 1993, набргу по основањето на компанијата и ги надгледуваше преработката, производството и истражувањето. Тој стана претседател на управниот одбор пред две години. Беше близок соработник на еден од основачите на компанијата, Вагит Алекперов, кој се повлече од претседателската функција во април, откако западните земји воведоа санкции за него.

Маганов е вториот извршен шеф на „Лукоил“ кој почина во мистериозни околности во изминатите месеци. Полицијата и натаму ја истражува смртта на Александар Суботин, кој почина во мај.

„Лукоил“ беше една од ретките големи руски компании кои отворено повикаа на крај на војната во Украина.

Поврзани новости