Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев денеска ги овласти припадниците на безбедносните сили да пукаат во луѓето кои учествуваат во немирите, што ги отвори вратите за натамошна ескалација на ситуацијата во земјата.
-Им наредив на полицијата и војската да пукаат без предупредување за да убијат. Тие што нема да се предадат ќе бидат елиминирани, рече Токаев.
Во телевизиското обраќање до нацијата, Токаев употреби остра реторика, нарекувајќи ги насилните демонстранти „терористи“, „бандити“ и „екстремисти“.
Токаев ги осуди повиците на некои земји владата да започне разговори со демонстрантите како „глупости“.
-Какви преговори може да се водат со криминалци, убијци, праша Токаев.
Оваа недела, Казахстан беше погоден од најжестоките протести откако земјата стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, при што загинаа десетици демонстранти.
Протестите почнаа во западниот дел на земјата поради наглото поскапување на горивата, но набрзо се проширија и укажаа на пошироко незадоволство од состојбата во земјата, со која истата партија владее од стекнувањето на независноста.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека безбедносните сили убиле 26 демонстранти за време на немирите, кои нагло ескалираа во средата. Во немирите беа ранети 18 демонстранти, а повеќе од 3.000 беа уапсени. Загинаа 18 полицајци, а повеќе од 700 беа повредени.
Не беше можно самостојно да се проверат овие податоци, а сè уште не е јасно дали повеќе луѓе се убиени од огнено оружје или во немири, бидејќи протестите станаа екстремно насилни.
Пристапот до Интернет повремено блокиран, а чести се прекините на телефонскиот сообраќај што го отежнува добивањето информации за настаните во земјава. Затворени се и неколку аеродроми, меѓу кои и оној во најголемиот град Алмати.
Токаев ја повика на помош од воената алијанса ОДКБ на чело со Русија, чии војници почнаа да пристигнуваат .
Според локалните медиуми, околу 2.500 војници од земјите-членки на ОДКБ пристигнале во Казахстан, додавајќи дека сите биле распоредени во Алмати.
Казахстанскиот претседател изјави дека во сите делови на земјата е повторно воспоставен уставниот поредок, по неколкудневни немири и дека воспоставувањето на јавниот ред ќе продолжи „до целосно уништување на екстремистите“.
Казахстан, деветтата по големина земја во светот, граничи со Русија на север и Кина на исток и има големи резерви на нафта, што го прави стратешки и економски важен.
И покрај овие резерви и минерални богатства, во некои делови од земјата е изразено незадоволство од лошите услови за живот. Многумина се незадоволни и од доминацијата на владејачката партија, која има повеќе од 80 отсто од местата во парламентот.