Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вчера ја прими Јулија Навални и на средбата уште еднаш ја осуди „неоправданата смрт“ на Алексеј Навални, кој почина на 16 февруари во затвор во близина на Северен пол во Русија, соопшти денеска француското претседателство.
Макрон повторно изрази сочувство до Јулија Навални и го поздрави „споменот на Алексеј Навални и храброста со која го водеше својот живот за време на борбата против корупцијата и во корист на слободата на изразување“ – се вели во соопштението на Елисејската палата.
Францускиот претседател ја повтори поддршката на неговата земја за сите бранители на човековите права.
„Во петокот се сретнав со Емануел Макрон, разговаравме за тоа како Франција може да му помогне на граѓанското општество во Русија и пошироко во борбата против (рускиот претседател Владимир) Путин и неговата диктатура“ – рече Јулија Навални.
Таа додаде дека му е благодарна на Макрон „за разбирањето дека има многу луѓе во Русија кои се против војната во Украина и на кои им е потребна помош и поддршка“.