Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, викеднов ќе оствари итна посета на Македонија, Албанија и Србија, кои се главна рута на бегалците од воените зони, но и на економските мигранти.
Како што јавува МИА од Брисел, во сабота попладне Туск најпрво ќе се сретне со српскиот премиер Александар Вучиќ во Белград, во недела наутро во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, а напладне во Скопје со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и со премиерот Никола Груевски.
Официјално, причините за оваа итна посета на Туск не се соопштуваат, но извесно е дека тоа е бегалската криза. Оваа посета доаѓа откако Македонија, Србија, Хрватска и Словенија почнаа да ги пропуштаат само бегалците од воените зони како Авганистан, Сирија и Ирак, но не и економските мигранти од Ирак и Палестина.