Велика Британија гарантирала дека основачот на „Викиликс“, Џулијен Асанж, нема да го екстрадира во земја, каде би можел да биде мачен или осуден на смртна казна, рече претседателот на Еквадор, Ленин Морено, во видео обраќање, откако британската полиција го уапси Асанж и го извлече од амбасадата на Еквадор во Лондон.
-Водејќи се од нашите силни заложби за човекови права и меѓународно право, побарав од Велика Британија да гарантира дека Господинот Асанж нема да биде екстрадиран во земја каде би можел да се соочи со тортура и смртна казна. Британската Влада ми го потврди тоа написмено, во согласност со нивните закони – рече Морено.
Тој претходно изјави дека Еквадор одлучил да му го укине азилот на Асанж затоа што повеќе пати го прекршил протоколот и меѓународните конвенции.
Асанж се наоѓаше во амбасадата на Еквадор од јуни 2012 година.