Чешкиот претседател порача дека Западот мора да ја трпи Украина додека не го признае поразот, т.е. „додека Украинците не одлучат за следниот чекор“.
„Сегашната ситуација на бојното поле не укажува на тоа дека Украина може да добие воена супериорност и времето сега е во полза на Русија“ изјави чешкиот претседател Петр Павел, наведувајќи дека преговорите би можеле да започнат следната година.
Павел, сепак, нагласи дека Западот мора да истрае во поддршката на напатената Украина, пишува чешкиот весник „Новинки“.
„Времето сега е во полза на Русија, која има посилна мобилизациска база за човечки ресурси. Добивајќи време, тие ќе можат да ги надополнат резервите на материјални ресурси што им недостигаа. Гледаме масовни испораки од Северна Кореја, гледаме напори за заобиколување санкции“, оцени Павел, поранешен началник на Генералштабот на чешката армија и поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО.
Според него, евидентно е дека Русија се обидува да го продолжи конфликтот што е можно подолго.
Павел смета дека и Русија може да го чека исходот од претседателските избори во САД, кои ќе се одржат во ноември следната година и дека тие би можеле да ја разнишаат подготвеноста да и се помогне на Украина и снабдувањето со оружје.
„Ситуацијата очигледно не е позитивна. Она што треба да биде позитивно за Украина е тоа што ние сме на нивна страна и треба да ги поддржиме во остварувањето на нивните цели. Од наша страна, немаме друг избор освен да истраеме на нашата поддршка“, рече Павел.
Тој рече дека Западот ќе мора да го стори тоа додека самите Украинци не одлучат за следниот чекор.
Павел го повтори она што веќе неколку пати во минатото го кажа во различни форми, „дека секој успех на Русија ќе значи и наш неуспех“.
„Колку е поголем неуспехот, толку повеќе ќе треба да се посветиме на безбедноста на нашите соседи“, додаде Павел.