Претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков денеска ќе престојува во работна посета на Собранието на Република Северна Македонија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Желјасков ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што е предвидено двајцата да дадат изјава за медиумите.
Во 13 часот во Археолошкиот музеј, двајцата ќе се обратат на свеченото отворање на изложбата „Сребрена Тракија“.
На изложбата, како што информираа од Министерството за култура, ќе се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровител, а обраќања ќе имаат и бугарскиот министер за култура Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.
Изложбата, како што велат од Министерството за култура, е во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка меѓу двете држави и е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
Презентацијата на изложбата „Северна Тракија“ во Скопје претставува продолжување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и се реализира по одличното претставување на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, Бугарија.