Претседателот на Би-би-си Ричард Шарп поднесе оставка откако независен извештај покажа дека ги прекршил правилата за транспарентност во врска со неговите односи со тогашниот британски премиер Борис Џонсон.
Во извештајот, како што пишува Би-би-си, се наведува дека тој не успеал да открие два потенцијални конфликти на интереси додека аплицирал за претседателската функција на британскиот радиодифузер.
Првиот потенцијален конфликт на интереси се однесува на тоа што Шарп му кажал на тогашниот премиер Борис Џонсон дека сака да аплицира за оваа позиција пред да го стори тоа, имајќи предвид дека Џонсон го имал последниот збор за тоа кој ќе ја добие работата.
„Вториот потенцијален судир на интереси се однесува на тоа што Шарп му кажал на Џонсон дека има намера да организира состанок меѓу највисокиот државен службеник во Обединетото Кралство и милионер кој сакал да му помогне на премиерот со неговите финансии“, пишува Би-би-си.
Британскиот јавен сервис е под притисок откако беше откриено дека Шарп, поранешен банкар на Голдман Сакс и донатор на Конзервативната партија, му помогнал на Борис Џонсон во 2021 година да добие заем, по што владата го назначи на функцијата претседател на јавниот медиумски сервис.
Се испитува начинот на кој Шарп бил избран од владата да претседава со корпорацијата во 2021 година, поконкретно, дали целосно обелоденил детали за неговата улога во олеснувањето на заемот од еден милион долари за Џонсон пред да биде именуван за претседател.