Претседателот Стево Пендаровски освен реакцијата за истакнување на симболи со националистички содржани на завчерашните собири во Тетово и Чаир по посетата на косовскиот премиер Албин Курти, реагира и за промена на името на улицата Втора македонска бригада.
Промената на името на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи, која е донесена во 2021 година од Советот на Град Скопје, кога беа променети имињата на 485 улици кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, предизвика остри реакции во јавноста, а новото име на улицата беше вчера промовирано.
Тој во реакцијата вели дека начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.
„Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.