Продолжување на Балансерот, зголемена употреба на албанскиот јазик, уставни измени, завршување на Коридорот 8 се дел од очекувањата на претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава.
Таа на заедничката прес-конференција со нејзиниот колега Африм Гаши, рече дека е убедена дека промената на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас.
Двајцата се осврнаа и на заедничките стратешки интереси на Северна Македонија и на Албанија – членство во Европската Унија и придобивките од партнерството во НАТО-алијансата.
„Во Албанија има посебно внимание на сите настани во Северна Македонија, токму поради посебното значење со кое ги третираме овие односи. Забележавме дека изборниот процес беше по европските стандарди и со задоволство можам да напоменам дека Тирана им честита на институциите вклучени во тој процес за докажаниот професионализам кој гарантираше редовен демократски изборен процес. Убедена сум и дека промените во бојата на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас“,рече Спиропали.
Таа изрази подготвеност за продолжување на контактите на политичкиот дијалог на сите нивоа, а за доброто на граѓаните на двете земји и нивните граѓани.
„Почитуван Африм, ние зборуваме албански бидејќи имаме иста крв и јазик, но и двајцата знаеме како Балканци дека овде, во нашиот крај полн со страсти, некако водени од самите себе внатре, а почесто од другите надвор, се случува да се мешаме, и односот меѓу политиката со ротација и историјата со поглавја е малку комплициран. Честопати сме верувале во супериорноста на првиот над вториот, но денес, со очите од иднината и компасот од Брисел, историјата на иднината нема малку да влијае на политичките проекти на денот. Што значи дека заедничкото патување кон ЕУ или ориентацијата и членството во НАТО ја ограничуваат улогата на политиката во менувањето на оваа историја која допрва чека да се испише“, рече Спиропали.
Претседателката на албанското Собрание изрази жалење што Северна Македонија не ја исполнила преземената обврска во однос на уставните измени.