Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во согласност со одредбите од Законот за одбрана, со укази изврши поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали, соопштија денеска од нејзиниот Кабинет.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот началник на штаб во Командата за операции, е поставен за командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, досегашниот командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
Како што се наведува во соопштението, бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции.
Полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
– Сите потпишани укази од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се извршуваат веднаш, се додава во соопштението од Кабинетот на претседателката на државата.