Претрес кај тројца полицајци за издавање на службена тајна за случајот со РЕК Битола

by fokus

Полицијата врши претрес на работните места, домови и превозни средства кај тројца полициски службеници, поради сомнение дека оддале службена тајна и злоупотребиле државна, службена или воена тајна за случајот што го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изнудување пари од РЕК Битола.

МВР информира дека денеска полициски службеници од одделите за сузбивање на организиран и сериозен криминал, за криминалистичка полиција, за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваа по наредби од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје за претрес на работните места, домови и превозни средства кај тројца полициски службеници, поради сомнение за сторени кривични дела „оддавање службена тајна“ по член 360, „злоупотреба на државна, службена или воена тајна“ по член 360а и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.

-Извршени се и службени разговори со полициските службеници и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот, информираат од МВР.

Според тврдењата на опозицијата, директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски барал од сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која добила тендер за ископ на јаглен, да се откажат од тендерот за да го добие „СВ Инвест“. Откако сопствениците одбиле, им било побарано да платат 250 ијади евра за да ја извршуваат работата. Опозицијата во овој случај го вмеша братот на премиерот, Вице Заев, кој ги демантираше обвинувањата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на брифинг презентираше документи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), дека овој случај бил пријавен во МВР, но по него не се постапувало.

Поврзани новости