Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Наместо за фризерниците и тренирањето на магариња, за што јавно беше линчувана поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова, ОЛАФ бара државата да врати 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари за случајот за кој токму таа поднесе кривична пријава.
Додека на Димова сѐ уште ѝ се суди, ОЛАФ бара пари, а сведок тврди дека европските фондови биле злоупотребени преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти.
Новинарот-фриленсер кој е соработник на порталот нота.мк, Александар Методијев, во серија текстови обелодени дека Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра, пари кои биле наменети за проекти во Македонија, а биле злоупотребени.
Тој во изјава за „Фокус“ објаснува дека со истражувањето почнал минатиот септември, кога до него дошол документ на ОЛАФ, a официјална потврда на барањето да се вратат 2,2 милиони евра стасала од владата која одржала седница на 19.12.2023 и ја разгледувала информацијата за повратот на средства.
– Интересно е дека во одговорот од владата стои бројот на случајот воден од ОЛАФ, а тој е ОС/2019/0983/В4. Тоа е истиот број што стои на документот што го добив во септември лани, а кој се однесува на истрага направена од страна на ОЛАФ против Лидија Димова. Тој број покажува дека истрагата се водела за злоупотребата на 2,2 милиони евра – пари од ЕУ фондовите, за што самата Димова, од позиција на тогашна директорка на Националната агенција, поднела пријава до Јавното обвинителство на 30.12.2019 година, вели Методијев кој своите информации ги објави на нота.мк.
Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата.
Името на ова лице кое е првопријавено од Димова, а во 2012 и 2013 било истражувано од ОЛАФ засега не се открива, но поранешната директорка Димова во изјава за „Фокус“ со име и презиме кажува кој ѝ вршел притисок да ја повлече пријавата.
Димова во изјава за „Фокус“ вели дека Зоран Заев, во присуство на националната координаторка Нола Исмајлоска, ѝ наредил да ја повлече пријавата, па токму таа пријава била изворот на медиумскиот линч против неа и судскиот процес.
Таа се навраќа токму на пријавата што ја поднела во декември 2019 година за злоупотреба на 2,2 милиони евра до тогашниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески и ги замрзнала исплатите на сите спорни проекти од пријавата.
– Во април 2020 година, од владата ми беше доставен „поздрав“ со листа на проекти што требаше да ги „пуштам“. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава.
Во октомври бев разрешена поради „неетичко однесување“ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година, Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата.
Во следните неколку месеци, новиот директор на Националната агенција, Марко Георгиевски ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра – вели Димова за „Фокус“.
За неа единствена среќа во цел овој случај е тоа што Брисел бил запознат и додека во кај нас исчезнувале документи и повторно се појавувале, ОЛАФ си работел.
– Обвинителството не виде поврзаност меѓу мојот случај (злоупотреба на европски средства) и случајот со 2,2 милиони евра, и покрај моето инсистирање… не знам дали сега ќе види. Апсурдот е што обвинителството ме гони за злоупотреба на европски пари, а ОЛАФ тврди дека јас не сум направила злоупотреби. Она што ОЛАФ го бара е 2,2 милиони евра од проневерата што ја открив јас, а не наводни средства за кои ме товари обвинителството мене – вели Димова.
Исмајлоска-Старова влезе во претходниот собраниски состав (2016-2020 година) од листата на ВМРО-ДПМНЕ, но кон крајот на 2018 година беше исклучена од партијата, заедно со уште шест нејзини сопартијци кои гласаа за пристапување кон уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор.
„Фокус“ ја контактираше Исмајлоска и ја прашавме дали се точни информациите дека таа побарала од поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова да ја повлече кривичната пријава за злоупотреба на 2,2 милиони евра европски пари.
Исто така, ја прашавме и дали на влада се дебатирало за враќањето на 2,2 милиони евра што ги бара ОЛАФ.
– Тоа е целосна невистина. Категорично ја отфрлам како неточна таа информација. Ниту како национален координатор, ниту во кое било друго својство не сум барала повлекување некаква пријава.
Ме изненадува вакво прашање, бидејќи ниедна функција што сум ја извршувала, немала ингеренции за прашања од ваква природа – ни одговори Исмајлоска.
Пред девет години, во 2007 година беше основана Националната агенција за европски образовни програми и мобилност под капата на Министерството за образование, на чие чело седна Бошко Нелкоски од Струга, тогашен член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ кој се поврзуваше токму со Исмајлоска.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.