Русија засега не планира да испрати војници во источна Украина, но ќе го стори тоа во случај на закана, изјави претставник на руското Министерство за надворешни работи откако парламентот во Москва ги ратификуваше договорите за соработка со украинските сепаратистички републики.
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко денеска изјави дека договорите вклучуваат обезбедување „воена помош“, но додаде дека треба да се избегнуваат „шпекулации“ за распоредување војници.
-Засега никој не планира да испрати ништо никаде, доколку има закана, тогаш ќе обезбедиме помош во согласност со ратификуваните договори, рече Руденко.
Рускиот претседател Владимир Путин доцна синоќа нареди руската војска да биде испратена во сепаратистичките региони Доњецк и Луганск како мировници, и тоа само неколку часа откако ги прогласи за независни држави.
Признавањето на регионите ја отвори вратата за директно руско воено учество. Москва не даде детали или датум за можно распоредувањена војниците, соопштувајќи дека наредбата само вели дека „стапува во сила на денот на нејзиното потпишување“.