Без постоење одлука на Царинската управа, без одлука на Владата и без обезбедени средства од Министерството за финансии, поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски набавувал патнички возила од „Евро кар“ Битола и од Са&Са Компани од Скопје. Даравелски заедно со раководителот на сектор за организациони кадровски имотно правни и финансиско материјални работи во Царина, Киро Доцевски покрај бесправно набавените возила, од депозитната сметка исплаќале физички лица за наводно извршени повремени работи за Царинската управа и доделувале спонзорства со што во 2001 и 2002 година, на штета на Буџетот на државата прибавиле имотна корист од над 1 милион и 650 илјади евра.
Во пресудата од околу 100 страни, во која МИА направи увид, покрај набавката на возилата и спонзорствата, Даравелски во времето додека беше директор на Царинската управа, а во државава имаше воен конфликт, во појаснувањето е наведено дека тој и Доцевски преку АД „Бисерка“ од Куманово исплаќале фактури за наводна набавка на храна и вода за одбранбените сили, за војската и полицијата, за што сведоците од Министерствата за одбрана и за внатрешни работи потврдиле дека таква помош бранителите не добиле. Во тој воен конфликт од 2001 година за жал животот го загубија над 80 бранители, а стотици беа исселени од своите домови.