Од Бирото за застапување на државата пред Судот за човекови права во Стразбур предмалку објави превод од денешната одлуката на судот, со која жалбите на екс функционерите на ВМРО-ДПМЕН се одбиваат како недопуштени.
Во продолжение пресудата:
“Во својата одлука во предметот Талески и други против Северна Македонија [Taleski and Others v. North Macedonia] (апликации бр. 77796/17, 80003/17, 81848/17, 81862/17, 11583/18 и 30884/18) Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно ги прогласи апликациите за недозволени. Одлуката на ЕСЧП е конечна.
Одлуката на ЕСЧП беше донесена од совет во состав од следниве седум судии:
Arnfinn Bårdsen / Арнфин Бардсен (Норвешка), Претседател, Pauliine Koskelo / Паулин Коскело (Финска), Tim Eicke / Тим Ајке (Обединетото Кралство), Saadet Yüksel / Садет Јуксел (Турција), Lorraine Schembri Orland / Лорен Шембри Орланд (Малта), Frédéric Krenc / Фредерик Кренк (Белгија), Diana Sârcu / Диана Сарку (Република Молдавија), и исто така Hasan Bakırcı / Хасан Бакирчи, секретар.
Апликантите се седум државјани на Република Северна Македонија (Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Владимир Талески и Тони Трајковски) и еден државјанин на Република Северна Македонија кој, исто така, е државјанин на Република Албанија (Едмонд Темелко).
Повикувајќи се на член 6 став 1 од ЕКЧП (право на правично судење), апликантите (освен г. Темелко) се жалеа дека тоа што се кривично гонети откако биле помилувани го повредило владеењето на правото и дека одлуките за поништување на поранешниот Претседател на државата биле спротивни на принципот на правна сигурност поради нивното ретроактивно дејство. Понатаму, г. Талески и г.Темелко се жалеа врз основа на член 5 став 1(в) од ЕКЧП (право на слобода и безбедност) дека нивниот притвор бил арбитрарен.
ЕСЧП констатираше дека во 2015 година откако станува извесно дека се одвивало тајно снимање на телефонски разговори ширум Северна Македонија, и по предавање на датотеки кои произлегуваат од овие снимки на обвинителите, апликантите биле осомничени за разни кривични дела; дека на 12 април 2016 година г. Иванов, во својство на тогашен Претседател на државата ги носи одлуките кои се однесуваат на 56 лица, вклучувајќи ги и апликантите, што предизвика масовни улични протести – познати како Шарена револуција; дека по измените на Законот за помилување, во мај и јуни 2016 година Претседателот ги поништи сопствените одлуки, по што започнуваат или продолжуваат судењата против апликантите за наводните кривични дела во рамките на домашните кривични постапки против апликантите (во однос на: г. Талески, предметот познат како „Транспортер“; г-а Јанкулоска и г. Јанакиески, предметот познат како „Титаник 1“; г. Груевски, г. Јанакиески и г. Трајковски, предметот познат како „ТНТ“; г. Мијалков предметот познат како „Тортура“; г.Јакимовски и г-а Јанкулоска, предметот познат како „Тврдина“; г. Темелко, предметот познат како „Титаник 1“).
Во однос на жалбените наводи по основ на член 6, Владата меѓудругото тврдеше дека тие се преуранети бидејќи жалбените постапки во предметите пред судовите на Северна Македонија се сè уште во тек.
Владата, повикувајќи се на релевантните одредби од Законот за кривичната постапка, тврдеше дека жалбената постапка во Северна Македонија ќе им обезбеди можност на апликантите да ги изнесат своите аргументи во однос на одлуките на г. Иванов. Покрај тоа, Законот за кривична постапка овозможува вонредно преиспитување од страна на Врховниот суд, а ЕСЧП го имаше во предвид и ставот изграден во својата претходна судска практика во однос на Северна Македонија, дека таквото барање за вонредно преиспитување под одредени околности би бил ефикасен правен лек, на кој апликантите би можеле да се потпрат во однос на своите жалбени наводи истакнати и пред ЕСЧП и доколку се успешни во постапката, во посебна постапка да бараат паричен надомест.
Оттука, ЕСЧП утврди дека апликантите пропуштиле да ги исцрпат домашните правни лекови и дека затоа жалбените наводи по основ на член 6 од ЕКЧП (право на правично судење) се преуранети бидејќи домашните органи имаат можност да се произнесат за тие наводи во тековните кривични постапки, односно дека домашниот судски систем, кој може директно да ја примени Конвенцијата, треба да добие шанса да се произнесе во врска со жалбените наводи и да ги исправи сите повреди на Конвенцијата кои евентуално би ги утврдил.
Во однос на жалбените наводи на г.Талески по основ на член 5, ЕСЧП утврди отсуство на потреба да ја испитува постапката во врска со неговиот домашен притвор по одлуката на поранешниот Претседател на државата од 12 април 2016, бидејќи тој бил пуштен на слобода повеќе од шест месеци пред тој да ја поднесе апликацијата до ЕСЧП.
Од друга страна, во однос на неговите наводи дека истрагата требало да биде запрена, ЕСЧП истакна особено дека правниот лек кој г. Талески го искористил и за кој тој тврдеше дека бил ефективен, бил отфрлен како ненавремен, со одлуки на домашните судови кои не се чинат неразумни и арбитрарни.
Во врска со жалбените наводи на г. Темелко според член 5, ЕСЧП утврди дека тој бил или во притвор или во домашен притвор помеѓу 26 септември 2017 година и 16 мај 2018 година. Решенијата со кои му биле определени мерките за обезбедување на присуство биле предмет на судско преиспитување од страна на домашните судови. Сепак, тој тврдеше дека домашните судови требало по сопствена иницијатива да испитаат дали постоеле некакви основи (помилување од претседателот) што го исклучуваат кривичното гонење, кои притворот би го направиле незаконски.
ЕСЧП зазеде став дека дури и да било така, сè уште постоела обврска за апликантот, пред домашните судови да ги изнесе своите жалбени наводи според Конвенцијата. ЕСЧП заклучи дека тој не го сторил тоа и не изложил никаков аргумент зошто тој правен лек би бил неефикасен, односно дека г. Темелко, не ги изнел неговите жалбени наводи според Конвенцијата пред домашните судови.
Со оглед на горенаведеното, ЕСЧП одлучи дека жалбените наводи по основ на член 5 и член 6 од ЕКЧП се недозволени односно недопуштени поради неисцрпување на домашните правни лекови”, се наведува во пресудата.