Претседателот да може да помилува само правосилно осудени лица, а во иднина нема да може деа помилува осомничени лица додека трае истрагата или судењето.
Ова е предвидено со предлог-измените на Законот за помилување, за кои Министерството за правда денеска организираше јавна дебата
Со измените на Законот за помилување е предвидено осуденикот лично да може да бара помилување.
Универзитетски професори, судии, претставници на невладини и парламентарни партии кои учествуваа на оваа јавна дебата предложија да има конкретни рокови за постапката пред Министерството за правда, повисоки глоби и појасно и поконкретно регулирање на постапката за помилување.
Од Министерството за правда велат дека целаа на законските измени е да се затворат правните празнини, но и да не се остави простор за сомнителни коруптивни постапки.
„Предвидени се кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Во тој контекст се и одредбите со кои се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите“, велат од Министерството за правда.
Законските измени се прават откако правото на претседателот да даде аболиција на обвинето лице неколку пати беше искористено за да се ослободат политички истомисленици.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016 година донесе одлука за помилување над педесет лица за кои беа отворени случаи што тогаш ги водеше Специјалното јавно обвинителство. Тој прво даде масовна аболиција, а потоа ја повлече.
Тогаш се спореше што Иванов го искористил членот 11 од Законот за помилување кој предвидува „претседателот на Републиката по исклучок да може да дава помилувања и без спроведување на постапката за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано“.
Овој член од законот претходно владата на ВМРО-ДПМНЕ го укина со законски измени, откако поранешниот претседател Бранко Црвенковски го помилува Зоран Заев. По аболицијата што ја даде Иванов, Уставниот суд ги укина измените на Законот за помилување, и укинатиот член 11 повторно го врати како дел од законското решение.