Преставници на СДСМ, ВМРО, ЗНАМ и Левица на состанок во Корча пред изборите

by fokus

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствен автентичен политички глас на Македонците во Албанија, денеска организира состанок во Корча, со претставници на македонските парламентарните партии, ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, на Демократски сојуз, а најавено е и присуство и на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски и на Левица, Димитар Апасиев.

-Покрај другото на средбата ќе ја претставиме долгорочната национална стратегија на МАЕИ за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија. Веруваме, дека е од суштинска важност оваа стратегија да биде поддржана од сите македонски политички партии од Република Македонија, без оглед на сопствената политичка платформа, рече за МИА, Васил Стерјовски, претседател на партијата.

Додава дека како партија од центарот, главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции.

Според него, ниту една друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците на македонската заедница, што нè прави единствен и посветен застапник на нејзините права и слободи.

-Тргнувајќи од сложената положба на Македонците во Албанија како автохтоно население и соочувајќи се со предизвиците од агресивната бугарска политика за бугаризација и асимилација, како партија решивме да организираме средба во Корча, Република Албанија. Целта на оваа средба е да ги запознаеме македонските парламентарни политички партии, и од власта и од опозицијата во Република Македонија, со положбата на Македонците во Албанија, која е крајно незавидна. Како и особено внимание би посветиле на агресивната бугарска политика за асимилација која е директно помогната и од страна на Албанија, посочува Стерјовски за МИА.

Нагласува дека „Македонија, како матична држава, има голема одговорност и можност да им помогне на Македонците во Албанија да ги зачуваат своите вековни огништа, да ги добијат универзалните права кои им припаѓаат како на малцинство, да го отфрлат влијанието на бугарската пропаганда и да ги зајакнат врските меѓу матичната држава и македонската заедница во Албанија“.

Поврзани новости