Кина мора да престане да и помага на Русија во војната против Украина, ако сака да има добри односи со Западот, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оценувајќи дека помошта на Пекинг е „од витално значење“ за руските сили.
Тој истакна дека Кина најмногу и помогнала на Русија со тоа што на Москва и обезбедила врвна технологија како што се полупроводници, пренесува Ројтерс.
– Од вкупното количество електроника што Русија ги увезе минатата година, 90% доаѓаат од Кина и се користат за производство на ракети, тенкови и авиони. Кина исто така работи на тоа да и обезбеди на Русија подобрени сателитски способности и снимање – рече Столтенберг.
Тој оцени дека Кина не може да има добри односи „во двете насоки“.
– Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го разгорува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна – рече Столтенберг.
Тој ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија.
– Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина. Да бидеме зависни од нејзините пари, суровините, зависноста од нејзините технологии не прави ранливи – рече Столтенберг.
Кина ги зајакна трговските врски со Русија во последниве години, откако САД воведоа санкции против двете земји.
Минатата година кинеско-руската трговска размена достигна рекордна размена од 240 милијарди долари.