Преспанскиот договор ни ги отвори вратите за културна размена помеѓу нашите два народи и можност за развивање и зголемување на пријателството со Република Грција.
Се надевам ова ќе биде почеток на големо пријателство и развој на сите полиња, не само на филмскиот дел, туку на сите културни сегменти- порача директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, кој присуствуваше на снимањето на филмот „Зад стоговите сено“ во Дојран.
Станува збор за филм кој е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, ЗДФ Арте од Германија и Грчкиот филмски центар, Грчката национална телевизија ЕРТ, но е препознаен и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.
Ова е една од првите ко-продукции со Грција, продуцент е Владимир Анастасов, а режијата е на гркинката Асемина Проедроу.
Во филмот се зборува за рибар кој живее во село на границата помеѓу Македонија и Грција, кој се плаши дека ќе оди во затвор поради измама и долгови. За да собере пари, започнал со својот брод да пренесува мигранти.
Снимањето на почетокот се одвивало во Грција, а потоа продолжило во Дојран и Гевгелија.
Вики Клинчарова