Само два блокови, владината коалиција предводена од СДСМ и коалицијата која гравитира околу ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да состават мнозинство или пак да освојат најмногу гласови.
Коалицијата предводена од СДСМ има најголеми шанси да освои најголем број пратеници и да дојде во позиција да го предложи составот на новата влада.
Овие наоди произлегуваат од ЕлектоМетар, истражување и аналитичка алатка за следење на изборите и постапување на гласачите, кое денеска го презентираше Преспа институтот. Истражувањето всушност покажало дека шансите СДСМ и коалицијата да освојат мнозинство пратеници се 96 проценти, додека ВМРО има само 4 проценти шанси да освои мнозинство пратеници.
Сепак од Институтот појаснуваат дека ова се првични резултати од истражувањата и не се земени предвид евентуални предизборни коалиции.
Експериментите се засноваат на неколку клучни претпоставки:
дека Владината коалиција ќе настапи заеднички со предизборна листа, односно дека сите политички партии ќе функционираат како групи на овој начин;
дека моделот се составува според последната анкета за која имаме податоци во целост, од декември 2023, или 6 месеци пред изборите;
дека моделот се иззема од разгледувањето на сентиментот на гласачите и јавниот дискурс;
дека маргината на грешка на моделот е +/-3,55%.
Сите овие претпоставки ќе бидат надминати во следните фази од развивањето на ЕлектоМетар и преку дополнителни влезни податоци.
Воедно, моделот нуди проекција на можни освоени гласови на национално ниво, кој го покажува следното:
Блок 1 – 49,50%-53,83% од важечките гласови
Блок 2 – 36,45%-39,79% од важечките гласови
Блок 3 – 1,32%-1.93% од важечките гласови
Блок 4 – 2,07%-3,79% од важечките гласови
Блок 5 – 4,12%-6,80% од важечките гласови
Од Институтот објаснува дека доколку ВМРО-ДПМНЕ би коалицирал со партии од албанската опозиција од партијата би се барало да ги донесе уставните измени, а лидерот на партијата, Христијан Мицкоски е категоричен дека додека е тој на власт, партијата нема да гласа за уставните измени такви какви што се.
Институтот пресметал дека ако Мицкоски се согласи да донесе уставните измени би изгубил од 30 до 35 проценти од гласачите што сигурно партијата го зема предвид. Од друга страна не постојат реални шанси СДСМ и коалицијата да освојат над 80 пратеници потребни да се изгласаат измените, што укажува на една комплицирана ситуација која следува со претстојните избори којашто е тешко да се предвиди.
Во рамки на истражувањето спроведени се три експерименти кои опфаќаат 14 илјади различни сценарија коишто разгледуваат претпоставено сценарио кога на изборите во 2024 година би се појавиле пет блокови на политички партии.
Притоа блоковите би биле составени според моменталните најави на групирање, владината коалиција, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, блок кој ја претставува т.н. албанска опозиција, блок кој го доминира Левица и блок во кој се останатите политички партии, каде доминира ЗНАМ на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Во истражувањето биле вклучени јавно достапни податоци од Државната изборна комисија, Државниот завод за статистика и анкетни истражувања на јавното мислење. Се следеле изборните резултати од сите изборни циклуси во период од 2013 до 2021 година , освен локалните избори за градоначалници во 2013 и 2017 година, односно првиот круг од претседателските избори во 2014 и 2019 година.
Истражувањето покажало дека сите партии вкупно имаат околу 300 илјади сигурни гласачи, но го покажуваат и однесувањето на гласачите на најголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во 1.200 од нешто повеќе од 3.400 гласачки места гласачите секогаш гласаат за иста политичка партија и без разлика дали станува збор за локални, парламентарни или претседателски избори, гласачите никогаш не гласаат за личност, туку за партија. Мал број од гласачите гласаат за личноста која е предложена за претседател или за градоначалник.
Бројот на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ не зависат од излезноста, но бројот на гласовите на СДСМ зависи од излезноста, па коалицијата добива повеќе гласови ако има поголема излезност.