Чудно време, во кое сакале и не сакале да признаеме скоро сите сме оптоварени со дневно-политичките збиднувања. Тоа значи дека само по себе ни се наметнува да слушаме разно-разни изјави од компетентни, помалку компетентни или крајно некомпетентни лица. Притоа, се повеќе може да се забележи определени функционери на преродбата наместо да дадат одговор на поставено новинарско прашање, строго следејќи ги наредбите на газдите да го повторуваат добро научениот рефрен: Ние имаме проекти. Среќни сме што ги реализираме проектите, кои се дел од нашата програма итн. Се разбира притоа мислат на смешните наброени ставки во накитените брошури, во кои дури и изработката на web-страна се третира како проект од круцијално значење за развојот на државата.
Но, да ги оставиме глупостите со кои преродбениците се обидуваат да фрлаат прашина во очите на граѓаните, при што се обидуваат да прикажат дека државата напредува, а особено дека имаме значителен напредок во аграрот. Сепак, пред извесно време ме заинтригира изјавата на еден висок функционер, кој сакајќи да си даде до значење најави сериозен развој на производството на индустриските култури, при што посебно ја потенцираше маслодајната репка. Имено, оваа изјава на дотичниот функционер ме поттикна малку посериозно да ги погледнам податоците кои се однесуваат на производството на индустриски растенија.
Стабилно, но слабо профитабилно производство на тутун
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот од 1999-2013 година површините на кои се одгледувал тутунот биле променливи. Промената на површините на кои е застапен тутунот може да се согледа од податоците во табела 1. Како што може да се види, почнувајќи од 1999, па се до 2009 година со мали осцилации имаме континуирано намалување на површините на кои е застапена оваа култура и истите се за околу 10% зголемени во 2011 и 2012 во споредба со 2009 година, за да во 2013 имаме намалување околу 2% во споредба со 2012 година. Ваквиот тренд непосредно се одразил на просечната површина на кои е застапен тутунот, па така во периодот од 1999-2002 година тутунот просечно е застапен на 22023 хектари, во периодот од 2003-2006 година на 17913 хектари и во периодот од 2007-2013 година на 18684 хектари. Не треба да се биде многу умен за да се пресмета дека во периодот 2007-2013 година во однос на периодот 1999-2002 година просечните површини на кои се одгледувал тутунот се намалиле за 15,16%, а додека во однос на периодот 2003-2006 година истите се зголемиле за 4,13%. Последното само по себе значи дека во случајов не станува збор за спектакуларни резултати и дека информациите кои преродбениците ги лиферуваат во јавноста се само дел од долгата, скапа и брутална политичка кампања во која живееме последниве осум години.
Што се однесува до вкупното производство на тутун, може да се каже дека, со исклучок на 1999, 2008 и 2010 година, тоа е релативно стабилно, што непосредно влијае на просечното годишно производство во разгледуваните подпериоди. Така, во периодот од 1999-2002 година тоа изнесува 24918 тони, за да во периодите 2003-2006 и 2007-2013 година истото е 24586 и 25039 тони, соодветно, што значи дека немаме забележителна промена по овој показател. Навистина, од горните податоци лесно се гледа дека во периодот 2007-2013 година просечното производство на тутун е поголемо за 0,48% и 1,84% во однос на периодите 1999-2002 и 2002-2006 година, соодветно, па оттука приказната за наводните успеси на ова поле не е ништо друго туку само уште еден рекламен трик на преродбениците, кој постојано се пласира преку преплатените медиуми и квазиновинари.
Состојбата со годишниот принос по единица површина е малку поразлична, па така во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година просечниот годишен принос по хектар изнесувал 1109, 1372 и 1332 килограми. Нема посебно да пресметуваме, но јасно е дека просечните приноси по хектар се највисоки во периодот 2003-2006 година, податок кој повторно говори дека преродбениците едноставно сите овие години, користејќи ја евтината политичка пропаганда, пласираат дезинформации, т.е. безочно ги лажат граѓаните.
Понатаму, согласно Стратегијата за развој на земјоделството и нејзината имплементација во Програмите за финансиска подршка на земјоделството субвенциите за тутунот се зголемени од 15 на 60 денари по килограм откупен тутун.Притоа, оваа мерка, заедно со останатите мерки предвидени во Стратегијата требало да придонесат за забележително зголемување на производството на тутун. Меѓутоа, горните податоци говорат дека тоа не е случај, па оттука може да се каже дека ваквото зголемување на субвенциите на тутунот нема за цел унапредување на производството, туку целите се пред се рекламно-политички мотивирани, т.е. дека се во функција на корумпирање на огрмното гласачко тело кое се занимава со производство на оваа култура.
Кога сме кај стоковиот сектор тутун и преработки од тутун традиционално покриеноста на увозот со извозот е најголема и таа во периодите 1999-2002, 2003-2006 – 2007-2013 година изнесувала 530,39%, 633,93% и 530,02%, што значи дека прво имаме зголемување на покриеноста на увозот со извоз, за да потоа истата се намали (види табелите 2 и 3). Од презентираните податоци се гледа дека суфицитот во овој стоков сектор со мали осцилации има позитивен тренд, кој пред се се должи на промената на цената на тутунот, што може да се види од податоците за извозот на неизжилениот тутун во тони и неговата вредност изразена во САД долари, табела 4.Навистина, во периодите 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година просечниот годишен извоз на неизжилен тутун изнесувал 15575, 21512 и 19255 тони, соодветно, при што е остварен просечен девизен прилив од 54291000, 76158000 и 99174000 САД долари, соодветно и тоа по просечна цена од 3486, 3540 и 5306 САД долари по тон. Тоа значи, дека во периодот 2007-2013 година при просечно намалување на годишниот извоз на неизжилен тутун од 6,37% во однос на периодот од 2003-2006 година, остварено е зголемување на девизниот прилив од 40,32%. Јасно, ова се должи на зголемување на просечната цена на неизжилениот тутун во периодот 2007-2013 година во однос на периодот 2003-2006 година од 49,88%, а во однос на периодот 1999-2002 година од 52,21%.
Уништување на производството на сончоглед
Од податоците во табела 5 може да се види дека во периодот од 1999-2012 година имаме тренд на намалување на површините на кои е застапен сончогледот. Непосредна последица ма ваквиот тренд е намалувањето на просечната површина од 7087 хектари на кои е застапен сончогледот во периодот од 1999-2002 година на само 4817 хектари на кои просечно е застапен сончогледот во периодот 2003-2006 година, односно на 4031 хектари во периодот 2007-2013 година. Според тоа, последователно во периодот од 2007-2013 година во однос на периодите 1999-2002 и 2003-2006 година површините под сончоглед просечно се намалиле за 43,12% и 16,32%, соодветно.Трендот на ожнеаните површини го следи е вкупното производство на сончоглед, што непосредно се одразува на просечното годишно производство во разгледуванните подпериоди. Така, истото во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година изнесува 8868, 6821 и 5926 тони соодветно, што значи дека во периодот од 2007-2013 година во однос на периодите 1999-2002 и 2003-2013 година просечното годишно производство на сончоглед се намалило за 33,18% и 13,12% соодветно.
Што се однесува до состојбата со годишниот принос по единица површина може да се каже дека таа е малку поразлична. Така во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година просечниот годишен принос по хектар изнесувал 1226, 1431 и 1468 килограми, што значи дека имаме зголемување во секој нареден период, при што најголемо е зголемувањето во периодот од 2003-2006 во однос на периодот од 1999-2002 година.
Имајќи ги предвид претходните показатели, мене лично, а мислам и на секој добронамерен читател, не ми е јасно како е дојдено до оваа катастрофална состојба. Прашањето е уште поинтригантно, ако се има предвид дека според проекцијата на производството на сончоглед, благодарение на финансиската подршка, истото требало значително да се зголемува (види табела 6).
Како што можеме да видиме, според стратегијата финансиската подршка требало да резултира со динамика на застапеност на оваа култура и производство дадено во табела 6. Тоа значи дека во разгледуваниот период било планирано годишно просечно да се засејуваат 7279 хектари, од кои при принос од 1607 kg/ha требало да се оствари просечно годишно производство од 11937 тони сончоглед. Овие проекции нема посебно да ги коментираме, туку само ќе споменеме дека во истиот период просечно со сончоглед биле засеани 4031 хектар, што е само 55,36% од планираното, при што е остварено просечно годишно производство од 5926 тони, што е само 49,65% од планираното, што секако дека е резултат и на нереалното планирање на просечниот принос по единица површина од 1607 kg/ha во разгледуваниот период, наспроти реално остварениот од 1468 kg/ha. На графиконите 1 и 2 е даден визуелен приказ за отстапувањата од планираното во Стратегијата и оствареното во периодот од 2007-2013 година. На последното немам друг коментар, освен прашањето:
Што тоа остварувате господо преродбеници? Енормен увоз?
Можеби, со оглед на податоците кои од страна на владините функционери, но и од парламентарната говорница бесрамно се пласираат во медиумите оваа констатација изгледа престрого. Но, сепак да ги погледнеме податоците за увозот на сурово масло од сончоглед публикувани од ДЗС (табела 7).Како што може да се види, скоро во целиот разгледуван период имаме тенденција на зголемување на девизниот одлив за увоз на сурово масло од сончоглед, што е директна последица од намаленото производство на сончоглед за кое претходно говоревме и порастот на вкупните глобални цени на храната (види графикон 3). Притоа, во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година просечниот девизен одлив за увоз на сурово масло од сончоглед изнесувал 11140000, 15476000 и 31093000 САД долари, соодветно, што значи дека во периодот 2007-2013 година тој се зголемил за 100,91% во однос на периодот 2003-2006 година, односно за фрапантни 179,10% во споредба со периодот од 1999-2002 година.
Производство на шеќерна репка – можност за бесконечен успех на преродбата
Не така одамна висок владин функционер се пофали дека конечно ќе биде зголемено производството на шеќерна репка, со што Македонија ќе ја намали зависноста од увоз на суров шеќер. Претпоставувам дека повеќе граѓани со задоволство ја примија оваа вест, но не и јас. Можда некој ќе помисли дека ништо не ми се погодува, дека во се сакам да најдам мана, но за да не се натегаме доволно е да се погледнат податоците дадени во табела 8. Па, дали е сега јасно што е причината за мојата недоверба. Имено, ако во период од шест години перење на мозокот на граѓаните за наводните успеси во аграрот не е произведен ниту еден тон шеќерна репка, тогаш природно е преродбениците да одговорат на што го темелат својот оптимизам за наводното намалување на зависноста од увозот на суров шеќер. Секако, основ за ваков оптимизам нема, освен ако повторно не станува збор за игра со бројки, во која производството од неколку стотици тони шеќерна репка процентуално ќе биде споредено со производството еднакво на нула. Е, тогаш навистина ќе имаме успех и тоа бесконечен, бидејќи секоја споредба со нула производство процентуално изразена е бесконечно голема.
Да се надеваме дека до ова нема да дојде и дека потпросечните типови кои себе си милуваат да се сметаат за експерти, новинари и аналитичари нема да добијат задча да ни продадат уште една ефтина приказна за преродбеничките успеси.
За настанатите состојби во производството на шеќерна репка сноси одговорност и владеачката гарнитура пред напливот на преродбеничката политика, но сепак периодот од седум години континуирани реформи е доволно долг за нештата да се поправат. Јасно, тоа не е направено, па затоа и во стоковиот сектор шеќер и преработки од шеќер Македонија бележи континуиран пораст на трговскиот дефицит.
Според податоците од табелите 9 и 10 во рзгледуваниот период имаме негативен тренд во покриеноста на узвозот со извозот во стоковиот сектор шеќер и преработки од шеќер и мед, која за периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година изнесува 27,62%, 27,38% и 19,33%, соодветно. Ваквата состојба, заедно со порастот на вкупните глобални цени на храната непосредно влијаела за зголемувањето на трговскиот дефицитит во овој сектор, што може да се види и од графиконот 4. Така, просечниот трговски дефицитит во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2012 година изнесува 13550000, 19634000 и 44310000 САД долари, што значи дека во периодот од 2007-2013 година тој е за 125,68% и 227,025% поголем во однос на периодите од 2003-2006 и 1999-2002 година, што е далеку над процентот на порастот на вкупните глобални цени на храната, па затоа единствено можно објаснување за ваквата состојба е намалувањето на земјоделското производство во последниот период. Потврда за ваквиот заклучок е и фактот дека според податоците од Државниот завод за статистика (Статистички годишник 2000-2013) во периодите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година просечниот годишен увоз на суров и рафиниран шеќер изнесувал 39423, 42447 и 51582 тони, соодветно, за што се во просек годишно се одлевале 10161000, 13626000 и 32274000 САД долари, соодветно.
Канцелариско водење на аграрот
Претходните разгледувања недвосмислено ми даваат за право да заклучам дека и во сегментот производство на индустриски растенија преродбата доживеала целосен колапс. Но, со сигурност може да се каже дека преродбениците не колабираа. Имено, колку што ме држи паметењето, а добро паметам, повеќето експонирани креатори и подржувачи на преродбата, без разлика дали станува збор за квазиексперти, квазианалитичари, квазиновинари или квазиполитичари, само до пред седум-осум години или немаа никакви или возеа просечни автомобили, скоро и да не располагаа со некој завиден недвижен имот, а богами и нивната гардероба не беше нешто посебно. Но, види богати, во изминативе неколку години на луѓето им тргна, па така сега повеќето од нив имаат се она што претходно немаа, а богами некои од нив ниту можеа да сонуваат да го имаат. Токму затоа и не сум изненаден од интензитетот на континуираната ефтина политичка пропаганда со која се бомбардираат граѓаните, а не сум изненаден ниту од црната кампања која во континуитет е насочена кон оние што не припаѓаат во нивното јато. Меѓутоа, непријатно сум изненаден од ниското ниво на фабрикување на податоците и проѕирните смешни обиди колапсот на аграрот да се прикажува како успех од епски размери. Изненаден сум од дрскоста на преродбениците, кои на граѓаните на Македонија во континуитет им пласираат лаги и дезинформации и се обидуваат црното да го прикажат како бело, по принципот трипати повторена лага станува непобитна вистина.
Но, ајде работава да ја погледнеме од друга страна. Можда оваа господа верува во она што го говори. Чекај, чекај, па ако се има предвид образовното ниво на повеќето фронтмени на преродбата и нивните слепи послушници, олицетворени во бројните квазиновинари, квазиексперти и квазианалитичари тоа и не е така далеку од вистината. Исто така, не е далеку од вистината дека овие спин-мајстори во животот не биле на нива и не знаат што е тоа земјоделие. Оттука и не ме чуди нивниот резон, но непријатно сум изненаден од молкот и сервилноста на лицата кои за себе тврдат дека се стручњаци за агроекономија, а богами би требало да се. Имено, оваа господа со години држи настава на катедрите за агроекономија, со години реализира некакви проекти за што добива не така мали хонорари, а едноставно не успеала да види дека аграрот во континуитет пропаѓа. Како е тоа можно? Дали нивното образовно ниво е толку мало, што не се во состојба да направат елементарна анализа, или пак во прашање е нешто друго? Како и да е, и во едниот и во другиот случај Господ да ни е на помош со ваква аграрна политика и со вакви експерти!
Д-р Самоил Малчески