Препукувања за ДУП-от во Лисиче: Дали Муцунски излажал или СДСМ ќе граделе хотел со пет ѕвезди?

by fokus

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски вчера призна дека всушност станува збор за парцели и измени на ДУП за нови згради во Лисиче, иако пред неколку дена тврдеше дека ќе бидат само куќи, реагира денеска владејачката СДСМ по прес-конференцијата на Муцунски кој вчера изјави дека на локацијата каде е предвиден нов ДУП во Лисиче нема да има стотици згради туку се предвидени најмногу куќи и неколу колективни згради.

-Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ ги излажаа граѓаните на Аеродром, наместо повеќе зеленило и нови јавни површини како што ветуваа во кампањата, тие денес нудат бетонизација на постоечките зелени површини. Оправдувањата дека процесот е започнат во 2019 година воопшто не држат, денеска сме 2023 година, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ го имаат мнозинството во Советот и прашањето што прави актуелната локална власт? Очигледно ништо, освен бетонизација и задолжување на општината преку општинска обврзница, реагира СДСМ.

Од друга страна општина Аеродром бара обидите за детектирање на корупција најпрво треба да започнат од редовите на СДСМ.

– СДСМ наместо да шири дезинформации треба да даде одговор дали и кога ќе побара одговорност и постапување на Комисијата за спречување на корупција за крупните бизнис зделки и продажба на земјиште за блиски роднини на Ковачевски и Богоев. Доколку градоначалникот на Аеродром сега беше од редовите на СДСМ наместо ДУП за Лисиче таму ќе никнеше хотел со пет ѕвездички, сопственост на блиски роднини на високото раководство на СДСМ.

Јавен податок кој никој не може да го оспори е фактот дека конкретниот ДУП за кој оваа политичка партија говори, е започната токму во време кога СДСМ раководи со општината, во најлошиот период за Општината Аеродром кога не е реализиран ниту еден проект , реагираат од општината.

Случајот беше отворен во јавноста минатата недела, а Призма.мк објави дека во Лисиче каде сега има куќи се испланирани 9 нови згради со новиот ДУП. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот Србија, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот 12 Македонска бригада, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите ДУП-от предвидува најголема зграда од 12 нивоа.

Земјиштето било купено од инвеститорите пред да има ДУП.

Поврзани новости