Препорака водата во Куманово да се користи како техничка се додека анализите не ја потврдат нејзината исправност

by Fokus

Над 80 отсто од домаќинствата во Куманово имаат вода, но таа треба да се користи како техничка се до конечна потврда од Центарот за јавно здравје Куманово за нејзината исправност. По првата анализа резултатите се очекуваат во рок од 48 часа, а Центарот треба да направи три последователни анализи кои ќе ја потврдат исправноста на водата за пиење.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираат дека на седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, биле донесени заклучоци и препораки до жителите на Куманово во однос на водата која ја добиваат од градскиот водовод.

„Главен проблем претставува заматување на вода во водоснабдувачкиот систем заради обилни дождови. Заради истото, водата која се доставува во водоводната мрежа во Куманово, исто така е заматена. Препорака до граѓаните, водата да се користи како техничка вода, или истата да не се користи без зовривање. Препораката останува се додека не се установи дека истата е безбедна за пиење“, е препораката која доаѓа од Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово.

Исто така, било заклучено дека Општинскиот штаб за заштита и спасување треба да достави барање до надлежни институции како Агенција за храна и ветеринарство и Центар за јавно здравје, за добивање на решение за употреба на вода во водоводниот систем како техничка.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вели дека водоснабдувањето полека се стабилизира и додава дека во следните пет часа системот за водоснабдување ќе биде целосно оперативен и сите домаќинства во градот кои се конектирани на мрежата ќе бидат снабдени со вода.

„Се до моментот на официјална потврда од ’Завод за здравствена заштита’ Куманово оваа вода се третира како техничка и истата доколку се користи во исхрана потребно е превентивно да се преврива. За дополнителни информации во текот на денот ќе информира Општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово“, вели Димитриевски.

 

Поврзани новости