Премиерот Зоран Заев се уште не знае дали ќе оди на традиционалниот Молитвен појадок во Вашингтон, на кој присуствува и претседателот на САД, Доналд Трамп, а кој ќе се оддржи на 8 февруари, во хотелот „Хилтон“.
-Сѐ уште не е одлучено дали премиерот Заев ќе присуствува на Молитвениот појадок, бидејќи тоа ќе зависи од неговата агенда и обврски, ни изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Од Собранието пак ќе одат тројца пратеници и тоа Александар Кирацовски од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Минатата година на појадокот присуствуваа Вилма Трајковска, сопругата на трагично починатиот претседател Борис Трајковски, извршниот директор на Фондацијата „Борис Трајковски“, Роберт Милчев, директорите на „Алкалоид“ и „Триглав осигурување“, Живко Мукаетов и Ѓорѓе Војновиќ со сопругите, и Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“.
Претставниците од Македонија се меѓу 3.000 гости од 140 земји во светот. Целта на настанот е продлабочување на меѓународните врски и меѓусебната грижа, како и маргинализирање на различностите помеѓу луѓето.
В.В.