Премиерот нема да учествува во одбележувањата за Гоце Делчев

by fokus

Македонската Влада попладнево ја објави агендата по повод одбележувањето 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, кој го нарекоа „најзначајниот историски лик за нашата земја“.

Ќе има настани на повеќе локации, но на ниту еден настан нема да присуствува премиерот Димитар Ковачевски. Присутна ќе биде бугарска делегација, исто така без премиерот Кирил Петков.

Во 10:00 часот, Владата ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас.

Подоцна, во 10:30 часот, владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а во 11:00 часот на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.

Во 12:00 часот, во Музејот на македонската борба, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во рамките на овие одбележувања, утре во 13:00 часот, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од министерката за култура Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки ќе положи венец заедно со делегации од Република Бугарија.

 

Поврзани новости