Откако премиерот Никола Груевски почна со секојдневните посети по македонските општини и села, македонската јавност виде еден нов принцип на политика: премиерот дава наредби што да се направи и веќе утредента градоначалниците ги спореведуваат наредбите, иако за тоа треба да одлучуваат тие самите, односно локалната власт, а не Владата и премиерот.
Денеска Груевски беше во посета на селата во скопската општина Студеничани. Жителите на село Моране му се пожалија дека автобуската линиија не оди до центарот на нивното село, па треба да пешачат. Премиерот веднаш му се обрати на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој го придружуваше и му нареди тоа да се среди. Трајановски без размислување рече дека нема проблем. Од утре автобусот на ЈСП ќе вози до центарот на Моране.
Вообичаено, кога граѓаните, а не премиерот, бараат од ЈСП продолжување на некоја линија или воведувања на нова, од претријатието велат дека за такво нешто е потребна процедура, односно да се испита дали тоа е возможно и не би предизвикало загуби на ЈСП.
Мешањето на централната власт во ингеренциите на локалната не е нешто ново за сегашната владејачка гарнитура. Тоа е забележливо и во самите изборни програми за парламентарни избори, кога ВМРО-ДПМНЕ многу често проектите на општините ги претставува како проекти на Владата.