По најголемото покачување на пензиите досега и донесената методологија за пресметка на пензиите согласно трошоците за живот и растот на просечната плата, Владата ќе предложи и закон за минимална пензија.
Ова синоќа го најави премиерот Димитар Ковачевски во интервју на тв Сител.
„Финално ќе биде закон за минимална пензија, да секој пензионер знае колку е минималната пензија и да таа може да расте согласно одредени критериуми секоја година. Исто како што пензиите растат секоја година, половина зависно од зголемувањето на трошоците за живот и половина зависно од зголемувањето на просечната плата. Исто и минималната плата расте на таков начин и на таков начин ги определивме и финансиските помошти за поддршка на инвестициите”, рече Ковачевски.
„Она што го направивме на последната седница на Владата врз основа на разговор и со оние пензионери кои протестираат, без разлика што се политички мотивирани, не навлегувам во тоа, тој што излегол на протест има мака и тоа мора да се разговара на таа тема – низ разговор и со нив и со претседателката и раководството на Сојузот на здруженија на пензионери, веќе формиравме работна група на највисоко ниво со Министерството за труд и социјална политика, вицепремиерот за економски прашања, Министерството за финансии, каде што ќе се отвори дебата и дискусија за правење закон за минимална пензија”, порача премиерот.