Премиерот на Грузија: Интеграцијата во ЕУ останува приоритет на владата

by Fokus

Грузискиот премиер Иракли Кобахидѕе изрази оптимизам во однос на иднината на односите на Грузија со Европската Унија и САД, наведувајќи дека очекува квалитативно ресетирање на овие партнерства почнувајќи од првите месеци на следната година.

Кобахидѕе истакна дека примарна надворешнополитичка цел на владејачката партија Грузиски сон останува интеграцијата во ЕУ.

„Очекуваме ресетирање на нашите односи, што верувам дека е неизбежно. Овој процес ќе добие значителен замав од следната година. Очекуваме војната во Украина да заврши порано од првично предвиденото. Веруваме дека, најдоцна во првите месеци од следната година нашите односи и со ЕУ и со САД ќе претрпат квалитативно ресетирање, што е еден од нашите главни приоритети“, рече грузискиот премиер на првиот состанок на владата по парламентарните избори на 26 октомври, пренесува грузискиот јавен сервис ТВ1.

Кобахидѕе изјави дека Грузија има конкретни обврски во рамките на Договорот за асоцијација и зоната за слободна трговија.

„Нашата амбициозна цел е да исполниме повеќе од 90 проценти од овие обврски до 2028 година, што на крајот ќе обезбеди Грузија да ја постигне својата крајна цел до 2030 година – целосна интеграција на нашата земја во ЕУ“, рече тој.

Според него, за тоа е потребен развој во сите правци, особено економски раст.

„Сите разбираат дека доколку економските показатели не се соодветни, никој нема да ја прими земјата во Европската унија. Затоа, развојот во сите правци ни е важен за да постигнеме целосна интеграција на Грузија во ЕУ до 2030 година, и се можно е да се направи во таа насока“, рече премиерот на Грузија.

Во ноември 2023 година, Европската комисија препорача Грузија да добие кандидатски статус за членство во ЕУ, под услов земјата да ги спроведе потребните реформи.

На 14 декември 2023 година, Европскиот совет ѝ додели на Грузија статус на земја кандидат за пристапување во Европската унија.

Поврзани новости