Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето на „Топ тема“ на ТВ Телма, прашан за патувањето на неговиот син во Вашингтон, кажа дека доколку има и само еден милиметар отстапување ќе понесе одговорност.
-Има институција која го истражува целиот случај тоа е Антикорупциската комисија, сите потребни документи ќе бидат доставени во текот на утрешниот ден. Ако има и еден милиметар отстапување, јас сум подготвен да понесам одговорност. Но, ако не е така, а ДКСК е релевантна институција, не можеме ние политичарите да судиме и да пресудуваме, тогаш треба да ми се извинат, вели Мицкоски.
Потсети дека во поканата за Самитот на НАТО стоело „придружник“, и оти имал можност тоа да не го плати од сопствен џеб, но вели, инсистирал да го плати со сопствени средства и оти сето тоа ќе биде документирано и доставено до надлежен орган.
На прашањето зошто летал со бизнис класа до Вашингтон, имајќи предвид дека своевремено директорот на Агенцијата за туризам морал да поднесе оставка затоа што летал со бизнис класа, Мицкоски вели дека повеќе би сакал Македонија да има пристојно летало, за воопшто да не мора да ги користат тие услуги.
-Ако како држава сега имавме пристојно летало, како што беше случај сега на Самитот на Европската политичка заедница, како што дојдоа сите… Толку многу е открадено од оваа држава што една цела флота е однесена. Во Вашингтон бев три дена на пат, и постоеше можност да не се вратам поради Интернет проблемот којшто откажа над 1000 лета во Европа, кажа Мицкоски, појаснувајќи дека од Виена до Вашингтон и од Њујорк до Виена, летал со бизнис класа поради здравствен проблеми со колената, додека од Скопје до Виена и обратно летал со економска класа