Случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешниот петти Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.
На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.
-Подготвен сум да разговарам со секого, секаде, врз основа на вистински договор што ќе не однесе до целта, е не да го направиме само првиот чекор, рече Мицкоски.