Премиерот Минс раскажа како Веса од Македонија го инспирирала него, но и целата Австралија

by Fokus

Крис Минс, премиерот на Нов Јужен Велс објави емотивна приказна за Веса Грујоска од охридското село Вапила, која има 80 години, а се преселила со семејството во Австралија на своја 27-годишна возраст.

По три години, таа започнала да работи како чистачка во Централната железничка станица во Сиднеј, и покрај возраста, се уште работела таму.


-Кога пред 50 години се вработила на железничката станица, по три години откако од Македонија се преселила во Сиднеј, таа не ни зборувала англиски јазик. Нејзината мисија била да бида најдобра работничка.

Денес Веса има 80 години и не планира да ја напушти својата работа во скоро време. Таа не инспирира сите нас со својата посветеност и добро срце.
Токму поради тоа, во нејзина чест нејзините колеги од „NSW TrainLink“ именуваа по неа возило за пренесување на багаж – објави Минс.

И во австралискиот електронски медиум SBS исто така е објавена приказната за Веса од Вапила со наслов „Таа има 80 години, работи 50 години, а планира да се пензионира на сто години“.

Тамошниот медиум пишува дека Грујоска работела дури и за државни празници, како и за Божиќ. Нејзиниот живот не бил лесен, а маката ја натерала да работи прекувремено. Зад себе имала тежок брак и развод, и останала со две мали деца, без кров над глава. Работела во фабрика за 29 долари неделно, но тоа не било доволно за живот.
Морала да се грижи за ќерката и синот, а не знаела ниту јазик во Австралија. Се започнало кога нејзина сосетка и дала парче хартија и и рекла да отиде во станицата и да му го даде на директорот. На листот пишувало дека и е потребна работа.

Ја вработиле на железничката станица и започнала да добива плата од 50 долари неделно. Имала добри соседи, кои за десет долари неделно ги чувале нејзините деца додека била на работното место. За да заработи повеќе пари, постојано работела прекувремено и во изминатите 50 години имала само три слободни дена – пишува ЅБЅ.

Во дворот имала мала градина каде одгледувала домати и пиперки, и постојано нешто работела. Денес била горда што нејзините деца завршиле универзитет, а ќерка и исто така работела во транспортот на Нов Јужен Велс.

Имала три внучиња кои и биле најголема радост, а за ЅБЅ вели дека ако човек остане дома, секакви лоши мисли ќе му доаѓаат во глава, затоа секој треба постојано да работи, да биде со нешто зафатен и да се движи.

Приказната за Веса завршува со зборовите – Пред да оставите ѓубре во железничката станица, помислете двапати. Можеби 80-годишна жена ќе треба да исчисти зад вас.

Вики Клинчарова

Поврзани новости