Премиерот Никола Груевски, говорејќи на вечерашната Конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, ја искористи приликата да испрати порака до студентите и до опозицијата. Лидерот на владејачката партија уште еднаш ја обвини опозицијата дека стои зад протестите на студентите.
-Ако сте способни, толкави мажи, организирајте митинг, не се сокривајте зад децата. Смислете некоја причина и организирајте митинг, рече премиерот Груевски.
Тој додаде дека Владата прави сериозни реформи и алудирајќи на СДСМ, рече дека студентите биле излажани дека станува збор за екстерен испит, а не за само уште еден, државен испит, поделен на два дела.
-Сега кој знае што планираат, па закажаа за петок, па за среда, видоа дека нема да им успее, па да дојдат родителите и граѓаните. На крај се ќе се сведе на протест на партиски активисти. Тоа ќе биде само едно викање, носење пароли пред Владата, рече Груевски.
Премиерот обвини дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев нема концепт како да дејствува, па иако губеле на избори со над 200 илјади гласови, како што рече, имале се поголеми барања, па сакале и техничка влада.
-Гледа народот дека не ги интересираат државните интереси. Зарад власта измислуваат гнасни интереси, ако треба ќе работат и за туѓи дворови, да исполнуваат туѓи агенди, рече Груевски.
На конференцијата посветена на жените, на која пристигна со еден час задоцнување, премиерот порача дека современата жена треба да биде активна и успешна на работното место, во градењето на кариерата, но и посветена и успешна и во кругот на своето семејство.