Преместувањето од „Идризово“ ги „запали“ осудениците – зошто изгоре возилото на директорот?

by Fokus

Вработен во затворот „Идризово“ бил нападнат од негов колега. Затвореник беше тешко повреден во тепачка што се случила меѓу две групи осуденици. Со повреди заврши во Градската општа болница „8 Септември“. Овие два инциденти се случија само во последниве денови во најголемиот затвор во земјава. Палењето на возилата на вработени, пак, кулминираше со палење на службениот „пасат“ на директорот на најголемиот затвор. Досега не е откриен ниту еден сторител или нарачател на осумте запалени возила на вработени во затворот или во сопственост на самата установа. Oна што му претходеше на палењето на возилото беше преместувањето на петмина познати затвореници од скопското подземје во затворите во Прилеп и во Штип. Но, по тепачки и инциденти, тие повторно беа вратени во најголемиот затвор, каде што е најголемиот „бизнис“ со дрога.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

На полноќ вечерта на 14-ти спроти 15-ти мај, во близина на семејниот дом на Зоран Јовановски, директор на најголемиот затвор „Идризово“, целосно изгоре автомобил „фолксваген пасат“. Возилото е во сопственост на Казнено-поправната установа, а пожарот бил пријавен околу 3.35 часот.

„На 15.5.2024 околу 03.35 часот во полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено-поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Обвинителството изврши увид на самото место, прибра траги кои ќе бидат предмет на вештачење за да се утврдат причините за пожарот. Освен траги, обезбедени се и снимки од видеонадзорот на околните објекти, што значи дека сторителите најверојатно биле снимени.

Сепак, МВР и по повеќе од десет дена сѐ уште не знае кој го запалил службеното возило на Јовановски. Ниту Управата за извршување санкции, ниту министерот за правда Кренар Лога не се заинтересира за овој случај, иако ова е осмо запалено возило на вработени во најголемиот затвор.

Ве известуваме дека за извршеното кривично дело, Секторот за внатрешни работи Скопје презема оперативно-тактички мерки и дејствија за откривање на сторителот, но согласно член 51 став 1, правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители, и согласно член 289 од Законот за кривичната постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, поради што во моментов не сме во можност да Ви доставиме повеќе податоци“, велат од МВР за „Фокус“ на нашето прашање дали е најден сторителот што го запали „пасатот“ што го возеше директорот.

Од Јавното обвинителство, пак, ни изјавија дека Министерството за внатрешни работи постапува за откривање на сторителите.

„Јавен обвинител ги издаде сите потребни наредби“, велат од Обвинителството.

РЕПКИ И ТОТЕ – ПРЕМЕСТЕНИ, ПА ВРАТЕНИ

Всушност, двете институции не кажуваат никакви информации и си ја префрлаат топката, додека директорот вели дека криминалците му испраќаат порака. Според него, ним им пречи во затворот да се работи чесно и по правила. Сепак, не кажува кој точно и каква порака сака да му испрати и кои се нарачателите.

Најозлогласениот и најнатрупаниот затвор во земјава неретко е во центарот на вниманието на јавноста. Повеќе од една година е под кризна состојба поради недостиг од затворски персонал, па затворениците ги чуваат припадници на Армијата.

На двапати беа откривани тунели кои затворениците наводно ги копале за да избегаат, а „тигрите“ во акции постојано им запленуваат дрога, телефони и оружје на осудениците.

Но, според нашите информации, и покрај силните акции на надлежните со кои сакаат да покажат дека го „тресат“ „Идризово“, голем број од осудениците внатре во овој затвор се на „линија“ со моќни функционери.

Иако се затворени меѓу ѕидините, овие врски дел од затворениците ги прават моќни во овој свет. Првичните сомнежи кој стои зад палењето на „пасатот“ одат во неколку правци, но, сепак, се насочени кон осуденици што имаат блиски врски со високи функционери.

Дел од затворениците што беа преместени биле дилери на дрога, па со нивното преместување во помали затвори „бизнисот“ им трпел, поради што ургирале кај функционери да бидат пак вратени во „Идризово“ – најголемиот „пазар“ на дрога.

Палењето на автомобилот на директорот се случи откако петмина затвореници од „Идризово“ беа преместени во затворите во Прилеп и во Штип на 2 април со одлука на владата. Но, таму не издржаа многу…

Во Штип се случи голема тепачка меѓу двајца од затворениците што беа преместени од „Идризово“ и друга група, а во Прилеп затворските чувари излегоа да штрајкуваат.

Во затворот во Штип беа преместени Зулќуф Нуредини, кој во скопското подземје е познат по прекарот Мали Репки од Батинци, како и Фатљум Ајети Тоте, водачот на „Беланоца“.

Еден месец пред да биде запален автомобилот на Јовановски, на 14 април, Мали Репки и Тоте ќе бидат дел од тепачка меѓу две групи затвореници во затворот во Штип.

Сѐ почнало поради нетрпеливост. Од едната страна биле Мали Репки, Тоте и уште едно лице, кое важело за заштитник на Репки и уште една група од затворените.

Тоте и Репки биле преместени во друго крило од затворот, но во меѓувреме пред штипскиот затвор стигнале 30 лица со десет возила, како засилување на Репки и Тоте. Затворската полиција успеала да спречи поголем инцидент.

„Фокус“ пишуваше за водачот на криминалната група „Беланоца“, кој е правосилно осуден на 11-годишна казна затвор за трговија со дрога и оружје.

Мали Репки, пак, е познат бегалец, се бараше со потерница за два обида за убиство, но беше под сомнеж за рекетирање и организација и подметнување пожари на автомобили. Пред две години беше осуден на осум и пол години затвор затоа што со седум куршуми убил соселанец со кого се расправале за долг.

Токму за еден од неговите затворски „излети“, 17 припадници на затворската полиција во Идризово беа уапсени, под сомнение дека му помогнале да го напушта затворот без дозвола.

ВЛАДАТА ГИ ВРАТИЛА ОСУДЕНИЦИТЕ

По десетина дена од тепачката во Штип, вработените во прилепскиот затвор, каде што беа преместени дел од затворениците од „Идризово“, излегоа на штрајк и побараа затворот да се врати на ранг на Казнено-поправна установа, а не, како сега, да биде Казнено-поправен дом. Проблем за нив е што сега може да се носат затвореници од висок ризик.

Сакам да известам за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаат дел од затворите во државава во кои од пред извесен период се прераспределени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајци немаат услови да се справат со предизвиците.

Еден од нив е и затворот во Прилеп, каде што веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување и во делот на човечки персонал – изјави Сашо Гулески, претседател на независниот синдикат на затворската полиција и администрација во КПД – Прилеп.

По тепачките и поплаките, петмината затвореници со одлука на владата на 1 мај се вратени во „Идризово“.

По неполн месец, владата, без да ја извести јавноста, донела заклучок затворениците пак да се вратат во „Идризово“. Овие заклучоци на владата не се испратени до медиумите, но објавени се како заклучоци од седницата што се одржала на 30 април.

Притоа, се задолжува Министерството за правда, односно Управата за извршување санкции итно да преземе соодветни мерки за да се надмине ескалацијата на состојбата во затворите во Прилеп и во Штип и да ги врати петте осудени лица назад во „Идризово“.

„Се задолжува Министерството за правда – Управа за извршување на санкциите веднаш да постапи по препораките од седницата на Групата за проценка, одржана на 30 април 2024 година, итно да преземе соодветни мерки за надминување на влошената безбедносна состојба во Казнено-поправниот дом Прилеп и Казнено-поправниот дом Штип и да ги врати петте осудени лица, кои се пренесени од Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово, доколку се отстранети причините поради кои истите се преместени, со цел да се надмине ескалација на состојбите во двата казнено-поправни дома“, стои во еден од заклучоците.

На оваа седница не присуствувал техничкиот премиер Талат Џафери, туку со неа претседавал вицепремиерот Бојан Маричиќ.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости