Преку тунелот Муриз од Дебар до Тирана за еден час

by Фокус

Албанската влада најави дека тунелот Муриз, кој е дел од автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), ќе биде отворен за сообраќај на 14 март. Со ова, патувањето од граничниот премин „Блато“ кај Дебар до Тирана ќе се скрати на само еден час.

-На 14 март ќе го пуштиме во употреба тунелот Муриз за сите возила, додека ќе продолжиме со работа на помошниот тунел, кој е наменет за итни случаи. Ова значително ќе го подобри сообраќајот, овозможувајќи побрза врска од Дебар, Северна Македонија, до Тирана – објави на Фејсбук вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, по извршениот увид во градежните активности.

Според Балуку, овој тунел овозможува целосна функционалност на автопатот, кој сега е долг 74 километри, наспроти повеќе од 180 километри колку што претходно изнесуваше растојанието.

-Со својата должина од 74 километри, „Патот на Арбр“ ќе стане значаен коридор за поврзување на Исток и Запад. Оваа модерна сообраќајница не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија до Дебар и Северна Македонија, туку ќе има и важна улога во економскиот развој и туризмот. Дополнително, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ги поврзува Тирана, Пешкопеја, Дебар, Тетово и Скопје, со што ќе стане значајна меѓународна врска – нагласи Балуку.

Изградбата на тунелот Муриз започна во мај 2019 година, но процесот траеше подолго од планираното поради сложената геологија и лизгањето на земјиштето. Тунелот е долг 3,78 километри и има два дела – еден за редовен сообраќај и друг за итни случаи.

Поврзани новости