Во петокот во Виена се одржа 22-та традиционална Gartenparty – кулинарско и музичко патување низ земјите членки на Vienna Economic Forum, на која, со свои национални специјалитети и фолклор, се претстави Амбасадата на Македонија.
Покрај нашата амбасада, на настанот учествувале и амбасадите на Албанија, Црна Гора, Молдавија, Косово, Босна и Херцеговина, Романија ,Бугарија , Турција, Словенија и Украина, претставени од амбасадори или дипломатски претставници.
Како гости биле присутни амбасадорите на балтичките земји, Шведска, Индија, Австралија.
Како што информираат од македонската амбасада, настанот е добар повод, низ дружење и забава, да се презентираат националните култури и туристички можности на земјите учеснички.
-Амбасадата на Р. Северна Македонија изразува искрена благодарност до Restaurant Donau, Mama’s компанија, фирмата Maksutoska Lebensmittel KG, Винарија Кимов, Винарија Далвина, Оркестар Александар и КУД Македонка Виена, за нивната донација и поддршка за учеството на Амбасадата на овој настан, како и за нивниот несебичен придонес во претставувањето на дел од традицијата и културното наследство на нашата држава- порачаа од амбасадата.
Наредниот ден пак, во Виена, Австрија, се одржа 14-то издание на интернационалниот ,,Фестивал на нациите” на кој со свој штанд се претставила и Македонија, во организација на Црковната општина ,,Свети Наум” од Виена.
Настанот се одржал во цветните градини Хирштетен во Виена Донауштад, а присуствувал и македонскиот амбасадор Освит Росоклија.
Вики Клинчарова