„Издадени се прекршочни налози за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата“.
Ова денеска го соопштија на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
„Во текот на оваа недела ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Во текот на вчерашниот ден се одземени над 15 тони овошје и зеленчук и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата Анмарк ДООЕЛ, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ и нема да застанеме со акциите и контролите тука, ќе продолжат секојдневно“ кажа министерот Бектеши и најави дека Одлуката за замрзнати цени на основни прехранбени производи ќе е продолжи и во наредниот период.
Министерот потенцираше дека избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави.
„Утврдивме дека некоклку компании тоа го направиле, при крај се анализите на Финасиска полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити“ рече Бектеши.
Директорот на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски изјави дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци. Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.
„Во текот на минатиот ден Државниот пазарен инспекторт во координација со Финансиска полиција и МВР изврши увид на Кванташки пазар каде што се констатираа многу прекршоци. Изречена е глоба за Кванташкиот пазар, но и за многу увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да дозволиме непочитување на мерките“ кажа Трајковски.