Прекршочна пријава за лоша изведба на химната за Јосипа Лисац!

by fokus

Поп дивата Јосипа Лисац заработи прекршочна пријава поради интонацијата на химната на Хрватска, која што јавноста ја нарече понижувачка и слична на завивање со кое пејачката ја намалила тежината и сериозноста на националната химна.

Настанот кој што се најде во центарот на Хрватска се случи пред неколку дена, за време на инаугурацијата на Зоран Милановиќ во Загреб, кога тој и официјално стана петтиот претседател на Хрватска.

Јосипа ја изведе химната со неспецифични тонови и артикулации, што од пошироката јавност беше дочекано ,,на нож” и протолкувано како исмејување со државата и народот.
Токму поради тоа, Бошко Жупановиќ, правник и сопственик на порталот Либурнија ја поднел прекршочната пријава против уметницата, за казнено дело од член 349 на законот за прекршоци, односно поради повреда на угледот на Република Хрватска.
Во описот на пријавата тој навел дека Лисац користела потсмевливи тонови кои не се друштвено прифатливи.

-Ниту еден граѓанин нема право тонски, вокално или гестикуларно да ја намалува тежината и значењето на интонацијата на националната химна. Било какво уметничко извртување на текстуалната или музичка структура на химната е недозволиво. Такви модификации можат да бидат толерирани во препеви на други дела со согласност на авторот, но не и во химната.
Начинот на интонацијата на осомничената беше апсолутно потсмевлив, омаловажувачки, па затоа и излезе основата на сомнеж дека го сторила пријавеното казнено дело – тврди Жупановиќ за хрватските медиуми.

-Никој не смее да манипулира со химната. Посебно поради тоа што ова се случи за време на инаугурацијата на претседателот, настан кој што беше проследен од многу медиуми.
Тоа беше исмејување на најлош можен начин. Се срамев што сум Хрват – изјави Жупановиќ за Далматинскипортал.хр.

Вики Клинчарова

Поврзани новости